Врз основа на Чл. 24-а од Законот за Средно образование (Сл. весник на РМ бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 37/07, 49/07, 81/08, 92/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, и 24/13 и Правилникот за начинот и поблиските критериуми на организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни предмети на државно ниво во средното образование, и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и поблиските критериуми на организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни предмети на општинско, регионално и државно ниво во средното образование, и Чл. 29 од Статутот на Здружението на наставници и раководни кадри од ЕМСУ од Р. Македонија Собранието на Здружението на својата седница одржана на ден 14.03.2017 г. донесе:

П Р А В И Л Н И К за начинот и поблиските критериуми на организирање и изведување на натпреварите на општинско, регионално и државно ниво на учениците од eлектротехничките, машинските и сообраќајните училишта од Република Македонија

I . ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Правилник се уредуваат начинот и поблиските критериуми за организација, учество и спроведување на општинските, регионалните и државните натпревари на учениците од електротехничките, машинските и сообраќајните училишта од Р. Македонија (во понатамошниот текст ЕМСУ)

Член 2

Натпреварите се организираат со цел да се вреднуваат и рангираат знаењата, вештините и способноста на учениците од III и IV степен на стручно образование од електротехничката, машинската и сообраќајната струка. Содржината на натпреварите е соодветна на возраста на учениците и се темели на наставните планови и наставните програми за средно стручно образование.

Член 3

Натпреварите се организираат на општинско, регионално и државно ниво. Општинските, регионалните и државните натпревари ги организираат акредитирани Здруженија на наставници (во понатамошниот текст: Здруженија на наставници) по одделни наставни предмети, сродни предмети или научна област во која припаѓа наставниот предмет.
2

II.ЦЕЛИ НА НАТПРЕВАРИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ

Член 4

Цели на натпреварите се:

– вреднување на нивоата на стекнатите знаења, умеења и вештини на учениците; – рангирање според постигањата на учениците и – откривање на учениците кои се талентирани за одредена област (струка, образовен профил)

III.ОРГАНИЗАЦИЈА НА НАТПРЕВАРИТЕ

Член 5

На општинските, регионалните и државните натпревари за учениците од ЕМСУ од Р. Македонија учество можат да земат редовни ученици од ЕМСУ од Р. Македонија и тоа за образовните профили за кои училиштата се верифицирани од Министерството за образование и наука.

Член 6

Општинските натпревари се организираат во месец февруари на територијата на Р. Македонија.

Член 7

Регионалните натпревари се организираат до крајот на месец март. На регионалните натпревари право на учество има натпреварувачот кој освоил најмногу бодови на општински натпревар, односно по еден натпреварувач од секој образовен профил на секој наставен јазик.

Член 8

Регионалните натпревари се организираат по региони и тоа: Прв регион: ги опфаќа училиштата во општините: Скопје, Тетово и Гостивар. Втор регион: ги опфаќа училиштата во општините: Прилеп, Битола, Кичево, Охрид и Струга. Трет регион: ги опфаќа училиштата во општините: Куманово, Крива Паланка, Виница, Св. Николе, Кочани, Штип и Пробиштип. Четврт регион: ги опфаќа училиштата во општините: Велес, Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Радовиш и Богданци.

Член 9

На седница на Собранието на Здружението се одредува училиште – домаќин на регионалните натпревари и се формираат регионални комисии во коишто има минимум по еден претставник од секое училиште во регионот.

3

Член 10

Наградените и пофалените ученици од регионалните натпревари се стекнуваат со право на учество на државните натпревари.

Член 11

Државните натпревари се организираат во месец мај по објавен повик на Здружението според Календарот за спроведување на натпреварите во средните стручни училишта.

Член 12

На седница на Собранието на Здружението се одредуваат училиштата домаќини за државните натпревари во кои ќе се изведуваат натпревари најмалку за три години и истите ќе бидат внесени во тригодишниот календар за спроведување на натпреварите.

Член 13

На седница на Собранието Здружението именува Комисија од 5 (пет) члена која го организира државниот натпреварот во тековната година (во понатамошниот текст Организациска комисија). Членови на комисијата се : 1. Директорот на училиштето домаќин – претседател на комисијата 2. Дипломиран машински инжинер од училиштето домаќин – член на комисијата 3. Дипломиран инжинер по електротехника од училиштето домаќин – член на комисијата 4. Дипломиран сообрајќаен инжинер од училиштето домаќин – член на комисијата 5. Дипломиран машински инжинер, дипломиран инжинер по електротехника или дипломиран сообрајќаен инжинер од училиштето домаќин од претходните натпревари – член на комисијата за пренесување на искуство

Доколку именувањето на членовите на комисијата од реден бр. 2, 3, 4, 5 не може да се изврши од наведените училишта, тогаш може да се именуваат членови од други ЕМСУ.

Член 14

Организациската комисија има за задача да изготви Работен план на државните натпревари. Работниот план ја содржи динамиката на натпреварот, организацијата на просторот за нормално одвивање на натпреварот и работата на комисиите и работните групи.

Член 15

Организациската комисија ги утврдува потребните материјално – технички и просторни услови потребни за организација и спроведување на натпреварите.
4

IV. ПОБЛИСКИ КРИТЕРИУМИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА И ИЗВЕДУВАЊЕ НА ДРЖАВНИ НАТПРЕВАРИ НА УЧЕНИЦИТЕ

Член 16

Поблиски критериуми за организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни профили се следните :  акредитираните здруженија организираат натпревари само по наставните предмети, односно области за кои се акредитирани; на државните натпреварите можат да учествуваат ученици наградени и пофалени од регионалните натпревари; ученикот се натпреварува на јазикот на кој ја следи наставата освен ако учествува на натпревар по македонски јазик; изборот на учениците се врши исклучиво врз основа на постигнатите резултати; рангирањето на постигањата на ученикот се врши врз основа на постигнатиот број на бодови; доколку повеќе ученици постигнат ист број на бодови, за прво место на натпреварот на државно ниво Здружението на наставници кое го спроведува натпреварот предходно определува дополнителен критериум; домаќинот на државните натпревари е училиштето кое го определува Здружението на наставници, за што здружението го известува Министерството за образование и наука најдоцна седум дена пред отпочнувањет на натпреварот; содржините по одделни наставни предмети ги определува Здружението на наставници; времетраењето на тестот и бројот на прашањата ги определува Здружението на наставници; наблудувачите кои го следат натпреварувањето ги определува Организациската комисија; комисиите за прегледување на тестовите ги формира Организациската комисија; комисиите за прегледување на тестовите се должни во рок од 90 минути да ги достават резултатите до Централната комисија; незадоволниот учесник на натпреварот (ученикот или неговиот наставник – ментор) најдоцна во рок од 90 минути по објавувањето на резултатите, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори; Здружението на наставници по одржување на натпреварите подготвува скала за бодовите потребни за освојување на награди и за освоено прво, второ или трето место на државен натпревар ученикот добива диплома , наставнииците ментори пофалница, а за останатите Здружението може да издаде Уверение или пофалница за учество на натпреварите.  Здружението на наставници кое го спроведува натпреварот на државно ниво може да прогласи само по еден ученик од III степен од електротехничка и машинска струка и само по еден ученик од IV степен од електротехничка, машинска и сообраќајна струка за освоено прво место на натпреварите;

5

V. ВРЕДНУВАЊЕ НА РЕЗУЛТАТИТЕ И НАГРАДИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ

Член 17

Вреднувањето и рангирањето на учениците на натпреварите е во надлежност на Централната комисијата формирана од Здружението.

Комисијата се состои од:

1. Претседателот на Здружението кој е и претседател на комисијата; 2. Еден претставник од Центарот за стручно образование и обука – одговорен за машинска струка; 3. Еден претставник од Центарот за стручно образование и обука – одговорен за електротехничка струка; 4. Еден претставник од ЦСОО одговорен за сообраќајна струка; 5. Професор или асистент од Електротехнички факултет; 6. Професор или асистент од Машински факултет; 7. Професор или асистент од Сообрајќаен факултет;

Резултатите на натпреварите се јавни и се објавуваат истиот ден кога завршуваат, во просториите каде што се одржуваат.

Здружението на наставници формира Комисија за одлучување по приговори составена од три члена.

Комисијата е должна по објавувањето на резултатите истиот ден да ги разгледа приговорите и за тоа да ги извести подносителите.

Конечната ранг листа се составува откако ќе се разгледаат приговорите и потоа се објавуваат резултатите на огласна табла во училиштето.

Дипломите, пофалниците и уверенијата за учество на натпреварите ги потпишува Претседателот на Здружението.

Организациска комисија за делот со писмени работи – трудови формира Комисија за примање на трудовите составена од три члена во која како членови можат да бидат наставници по стручни предмети, стопанственици, универзитетски работници и слично.

Организациската комисија формира и други комисии потребни за успешна реализација на натпреварите.

6

VI. СПРОВЕДУВАЊЕ НА НАТПРЕВАРИТЕ

Член 18

Натпреварите за образовните профили за кои ќе се пријават помалку од три учесници не се одржуваат. Натпреварот за образовните профили со тригодишно образование, по правило се состои само од практичен дел и со него треба да се опфатени целите на практичната настава. Секое училиште доставува предлог – задачи до училиштето домаќин, според правилата и насоките за спроведување и полагање на практичен дел од завршниот испит. Училиштето домаќин подготвува три задачи за реализирање на натпреварот. Задачите се избираат на денот на натпреварувањето од претставник на ЦСОО или од Централната комисија. Натпреварите за образовните профили со четиригодишно образование се состои од тест по области од предметите кои се предвидени со државна матура и завршен испит. Предлог тест и задачи доставува секое училиште со клуч на одговори до ЦСОО и до Претседателот на здружението од 01.04 до 10.04 во тековната година. Тестот се избира на денот на натпреварот. Натпреварувачите да се пријават најкасно до 10.04. кај домаќинот со претходно добиени пријави од домаќинот.

VII. НАДГЛЕДУВАЊЕ НА НАТПРЕВАРИТЕ

Член 19

Претседателот на Организациската комисија формира работна група за надгледување на учениците натпреварувачи за тригодишно и четиригодишно образование.

Член 20

Членовите на работната група за надгледување на учениците од четиригодишно образование треба да бидат од редот на наставници од општообразовни предмети од училиштето домаќин. Членовите на работната група за надгледување на учениците од тригодишно образование се наставници по практична настава. Секој од работната група за надгледување на работата на натпреварувачите е должен во просторијата во која ќе врши надзор: – да ги идентификува учесниците (личен документ со слика) и тоа по список на ученици добиен од организациската комисија; – да им подели работни листови и коверти со идентификациско ливче на секој учесник, заверен со печат; – да им објасни како се пополнува идентификациско ливче; – да обезбеди регуларен тек на натпреварот; – да ги спои ковертите со идентификациските ливчиња во присуство на ученикот, а по излегување на сите натпреварувачи од просторијата да изврши шифрирање на истите според однапрен изготвен план за шифрирање; – по завршувањето на шифрирањето целокупниот материјал го достави до Центаралната комисија.
7

Член 21

Централната комисија ги доставува задачите до натпреварувачите сместени во работните простории и го означува почетокот на натпреварите.

Член 22

Натпреварувачот за време на натпреварот не смее да ја напушта просторијата додека не го предаде ковертот, односно работната вежба, во спротивно неговото натпреварување се смета за завршено.

VII. ПРЕГЛЕДУВАЊЕ

Член 23

Организациската комисија назначува работни групи за прегледување, со дадени клуч решенија за сите образовни профили, односно работни групи за прибирање на податоците од компјутерската обработка. Назначувањето на прегледувачите се врши еден месец пред одржување на натпреварите, а нивната распределба по групи им се соопштува на денот на натпреварот. Работата на работните групи за прегледување почнува откако ќе ги добие материјалите од Централната комисија, доколку изведувањето е класично. По извршеното прегледување, односно прибирање на податоците од компјутерската обработка, работните групи ги враќаат работните листови на Централната комисија со изготвена ранг листа по шифра и освоени поени. По извршеното прегледување на вежбите за натпреварувачите од тригодишно образование работните групи ги враќаат оценувачките листови на Централната комисија со изготвена ранг листа по шифра и освоени поени. За сите нејаснотии се обраќаат до Централната комисија.

Член 24

Работните групи за прегледување работат во посебни простории самостојно (без присуство на трети лица).

8

VIII. ИСТАКНУВАЊЕ НА РЕЗУЛТАТИ

Член 25

Централната комисија ги дешифрира и истакнува резултатите и тестот со клуч решенија. По истакнувањето на резултатите натпреварувачите или менторите имаат право на приговор во рок од 90 минути до Комисијата за приговори. Комисијата за приговори решава по приговорите и ги објавува конечните резултати од натпреварите.

Член 26

За освоено прво, второ или трето место на државен натпревар ученикот добива диплома, наставникот ментор пофалница, а за останатите Здружението може да издаде Уверение или пофалница за учество на натпреварите.

IX. СЛЕДЕЊЕ И ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ОДРЖАНИТЕ НАТПРЕВАРИ

Член 27

Здружението на наставници во рок од 15 дена по завршување на натпреварите до училиштето доставува Извештај за резултатите од сите нивоа, а за државните натпревари и до Комисијата за акредитација на Здруженија на наставници, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, односно Центарот за стручно образование и обука.

Извештајот треба да ги содржи следните податоци : – Назив на натпреварот и здружението на наставници кое го спроведува натпреварот; – место и време на одржување; – број на учесници; – број на наградени ученици, и нивни ментори (табеларен приказ со име и презиме на ученикот, година на образование/паралелка, назив на училиштето и место во кое се наоѓа); – анализа на натпреварот (предности слабости и можни начини за надминување на слабостите); – за учениците кои имаат ист број на поени Централната комисија одлучува кој ученик освоил прво место со дополнителни критериуми.

Резултатите од државниот натпревар се објавуваат на интернет страниците на Здружението на наставници, на Министерството, Бирото за развој на образованието, односно Центарот за стручно образование и обука.

9

X. ПРОПОЗИЦИИ

Машинска струка – за III степен стручно образование Натпреварот ќе се изведува по предметот практична настава за секој соодветен образовен профил. Училиштето – домаќин презема обврска да достави до училиштата најмалку 3 (три) задачи за вежбање, најдоцна до 01.04. тековната година. Училиштето – домаќин презема обврска да ги обезбеди потребните материјали и работен алат за учениците од машинската струка. Мерен и контролен алат обезбедува секое училиште – учесник посебно. Работните места се избираат со влечење на денот на натпреварите. Времетраење на натпреварот е 90 мин. Се оценува само целосно завршена задача/вежба. Максимален број на освоени поени е 100.

Критериуми за оценување во машинска струка се: квалитет 0-25 поени функционалност 0-20 поени точност на мерки и облик 0-35 поени естетски изглед 0-10 поени Вкупно 90 поени

Според времето на изработка се бодираат на следниот начин: прво изработена задача 10 поени второ изработена задача 8 поени трето изработена задача 6 поени четврто изработена задача 4 поени петто изработена задача 2 поени

Машинска струка – техничко образование (IV – степен)

1. Машински техничар Во тестот ќе бидат опфатени прашања од следните предмети: Автоматско управување и програмирање, Технологија на обработка и Возила и механизација. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. На натпреварот тестот се решава без користење дополнителна литература.

2. Машинско – енергетски техничар Во тестот ќе бидат опфатени прашања од следните предмети: Хидропневматска техника и Термотехника. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. На натпреварот тестот се решава без користење дополнителна литература.
10

3. Автотехничар – мехатроничар Во тестот ќе бидат опфатени прашања од следните предмети: Технологија на моторни возила, Електротехника и Електроника. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. На натпреварот тестот се решава без користење дополнителна литература.

4. Техничар за компјутерско управување Во тестот ќе бидат опфатени прашања од следните предмети: Програмирање на компјутерско управувани машини и Компјутерско управување. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. На натпреварот тестот се решава без користење дополнителна литература.

Електротехничка струка – III степен стручно образование Натпреварот ќе се изведува по предметот практична настава за секој соодветен образовен профил. Училиштето – домаќин презема обврска да достави до училиштата најмалку 3 (три) задачи за вежбање, најдоцна до 01.04 во тековната година. Училиштето – домаќин презема обврска да ги обезбеди потребните материјали, а мерни инструменти и алат обезбедува секое училиште – учесник посебно. Времетрањето на натпреварот изнесува 90 минути. Се оценува само целосно завршена задача/вежба. Максималниот број на освоени поени е 100.

Критериум за оценување во електротехничката струка се: квалитет 0-20 поени функционалност и точност 0-50 поени естетски изглед 0-20 поени Вкупно: 90 поени

Според времето на изработка се бодираат на следниот начин: прво изработена задача 10 поени второ изработена задача 8 поени трето изработена задача 6 поени четврто изработена задача 4 поени петто изработена задача 2 поени

Ако вежбата веднаш не проработи натпреварувачот има право на дополнителни 5 минути за поправка, но за тоа му се одземаат 5 поени.

Електротеничка струка – техничко образование (IV – степен)

1. Електротехничар за компјутерска техника и автоматика Во тестот ќе бидат опфатени прашања од следните предмети: Автоматика, Дигитални системи и Програмирање. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. За натпреварот треба да се определат програмски јазик, софтвер и алатки до определен рок.
11

2. Електротехничар за електроника и телекомуникации Во тестот ќе бидат опфатени прашања од следните предмети: Дигитална електроника и микропроцесори, Електронски склопови и уреди, Телекомуникациски склопови и уреди. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. На натпреварот тестот се решава без користење дополнителна литература.

3. Електротехничар енергетичар Во тестот ќе идат опфатени прашања од следните предмети: Електрични машини и погони, Електрични апарати и уреди, Автоматика. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. На натпреварот тестот се решава без користење на дополнителна литература.

Сообраќајна струка

1. Техничар за транспорт и шпедиција Во тестот ќе бидат опфатени прашања од следните предмети: Технологија на патен транспорт, Технологија на железнички транспорт, Комбиниран транспорт, Шпедиција и шпедитерско работење. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. На натпреварот тестот се решава без користење дополнителна литература.

2.Техничар за патен сообраќај Во тестот ќе бидат опфатени прашања од следните предмети: Организација на патниот транспорт, Автобази и автостаници, Безбедност и регулација во патниот сообраќај. Максимален број на освоени поени е 100. Времетраењето на натпреварот е 90 минути. На натпреварот тестот се решава без користење дополнителна литература.

Конкурирање со писмена работа-труд Делот со писмени работи – трудови на Државните натпревари е посебна дисциплина. Негова цел е да им овозможи на учениците да презентираат резултати од своите активности, во областите од природните науки, техниката или пак проектната задача која ученикот ја избрал и изработил за училишна/државна матура. Притоа треба да се претставуваат знаења, умеења и вештини од струката и нивната примена, избрани според инвентивноста и стручноста на натпреварувачите. Натпреварувачи со писмени работи – трудови можат да бидат ученици од сите образовни профили. Секоја писмена работа – труд треба да е изготвен во соработка со ментор. Пријавување се врши на посебно доставен формулар. Готовите писмени работи – трудови со пополнет формулар за учество се доставуваат преку пошта најдоцна до 15.04.

12

Комисијата за вреднување врши селекција на пријавените писмени работи- трудови и ги поканува на презентација избраните учесници. Услови и средства за презентација си обезбедуваат авторите. Писмените работи – трудови треба да бидат изработени според правилата за изработка на писмениот дел од Проектната задача за завршниот испит / државната матура. Резимето кое оди заедно со пријавниот формулар треба да биде со 150 до 300 збора. Во резимето треба да стои, во скратена форма, опис на темата, резултати, согледувања, заклучоци, користена литертатура и користени средства.

Оценување на писмените работи-трудови

Елементи кои се земаат во предвид при оценувањето се: – Методичност во истражувањето, утврдувањето и докажувањето на научните вистини – Систематичност и прецизност во целокупната постапка на истражувањето – Изведување на експериментот со користење на уред, инструмент и докажување на применливоста на научното истражување на трудот – Изведена сопствена конструкција на уред, апарат, инструмент како резултат на истражувачката работа на натпреварувачот – Презентација

Максимален број е 100 поени.

По мислење на Комисијата, можно е доделување на повеќе наградени места. За учесниците врз основа на постигнатите резултати, оцените и мислењата на Комисијата за оценување, училиштето-домаќин доделува дипломи за прво, второ и трето место ипофалници.

ПЛАСМАН

Стандарди за рангирање на местата и доделување дипломи – прво место 86-100 бодови – второ место 71-85 бодови – трето место 55-70 бодови – пофалници 40-54 бодови.

XI. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Овој Правилник влегува во сила наредниот ден од денот на неговото донесување.

14.03.2017 год. Претседател на Здружението Жарко Темелкоски