ЗА ЧЕТИРИГОДИШНАТА РАБОТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА НАСТАВНИЦИ ПО СТРУЧНИ ПРЕДМЕТИ И РАКОВОДНИ КАДРИ ОД ЕЛЕКТРОТЕХНИЧКИТЕ, МАШИНСКИТЕ И СООБРАЌАЈНИТЕ УЧИЛИШТА ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Четиригодишната работа на Здружението се однесува за периодот од 13.03.2013 г. до седницата одржана на 14.03.2017 г.

Во досегашниот четиригодишен период беа одржани вкупно 8 седници на собранието на Здружението на кои се разгледуваа актуелните прашања и проблеми кои се од интерес за развојот на пооделните струки и образовни профили од четиригодишното и тригодишното образование.

Беа примени нови училишта за членки во Здружението по нивно писмено барање, така да сега Здружението брои 28 училишта.

Во текот на овој четиригодишен период се направија две промени на претседателите на Здружението, и тоа на 13. и 14.03.2013 г., после заминувањето на дотогашниот претседател Петре Чешелкоски во пензија, кога беше избран за претседател директорот од ССОУ „Коле Неделковски“ – Велес, Валентин Елисковски. По година и пол на 13.12.2014 г. имаше повторен избор за претседател на Здружението, бидејќи г-динот Валентин Елисковси си даде оставка на функцијата претседател бидејќи му помина директорскиот мандат и на негово место беше избран сегашниот претседател Жарко Темелкоски – директор на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ – Прилеп.

Редовно се разгледуваше состојбата со покриеност на стручните предмети со учебници, по што следуваа заклучоци за што поажурно издавање на учебници по сите стручни предмети со цел да се олесни реализацијата на наставните програми низ наставниот процес.

Со воведувањето на Екстерното проверување беа разгледувани и анализирани пред се поставеноста на целокупниот проект, неговото спроведување, проблемите кои се појавуваа за негова реализација во училиштата, како и анализа на пропустите во резултатите добиени по неговото спроведување. Се дискутираше за веродостојноста на резултатите, и дека со Екстерното проверување не може во целост да се долови вистинската слика за знаењето на ученикот, и дека не е во ред наставникот да биде казнет или награден само врз база на Екстерното проверување на ученикот без да се согледаат и другите услови кои допринесуваат за стручните компетенции на наставникот, реализацијата на часовите и следењето на знаењата на ученикот во текот на целата година. Во контекст на ова беше побарано од страна на советниците, наставниците по стручните предмети да изготват прашања кои ќе се користат во комбинациите за тестовите при Екстерното проверување на учениците, кое резултираше со среден одзив од страна на наставниците.

Една од темите на која се задржа фокусот на интересот на предходните седници беше и таа поврзана со професионалниот развој на наставниот стручен кадар, со што едногласно се заклучуваше дека од огромно значење е перманентното стручно усовршување на кадарот преку следење на обуки и семинари, учество на конференции, користење на современа стручна литература, како и меѓусебна соработка на наставниците, размена на искуства и идеи. Беа организирани и неколку обуки од страна на поопремените училишта со нагледни средства за дел од стручните предмети од машинска струка за профилите МТ и ТКУ, каде беа претставени одредени компјутерски симулативни програми, со цел наставниците од другите училишта да добијат соодветна едукација во нивниот професионален развој за да можат полесно и поефективно да ја реализираат наставната материја.

Редовно беше дискутирана уписната политика во училиштата кои членуваат во Здружението, посебно околу бројот на ученици по паралелки каде се излезе со барање до МОН, истиот да биде намален по однос назаконскиот норматив кој предвидува од 25 до 34, да биде сменет, односно прифатен со бројка од 20 до 25 ученици во паралелка. Воедно беше разгледувано и дискутирано барањето до МОН да не постои втор уписен рок во Гимназиското образование или да не се намалуваат потребниот број на поени за упис, со цел учениците да се запишуваат во Стручните училишта.

За поуспешно организирање на натпреварите на стручните училишта од електротехничка, машинска и сообраќајна струка кои ги организира Здружението, согласно новиот Правилник за натпревари од МОН, беше изработен нов Правилник за натпреварите врз основа на кој Здружението доби Акредитација од МОН, со која учениците за освоено I место и нивните ментори, ќе бидат и парично нградени од страна на МОН. Во новиот Правилник за натпревари е воведено пред Државните натпревари да бидат организирани и Општински и Регионални натпревари, за да се запазат измените и насоките дадени во Правилникот за натпревари од МОН. Исто така за време на организацијата на натпреварите се формираа комисии, беше воведен и систем со шифри за време на тестирањето кои беа изработувани од Централната комесија, се со цел за поуспешно спроведување на истите. По секој завршен натпревар се вршеше анализа за оджаните натпревари и се предлагаа мерки за поуспешно организирање на следните. Воедно беше направен и тригодишен распоред на училишта кои ќе бидат домаќини на Регионалните и Државните натпревари. За изведување на Регионалните натпревари училиштата беа распоредени во четири региони, при што и на нив ушениците и менторите за освоените места добиваат дипломи и сертификати.

Секоја година Здружението на седници на Собранието поднесуваше финансов извештај за работата на истото.

Посебна благодарност за успешното функционирање на Здружението упатуваме до ЦСОО – Скопје, како и до советниците: г-дин Зоран Јовчевски советник за електротехничка струка, г-дин Ридван Зеќири советник за машинска струка и г-ѓа Азра Тутиќ советник за сообраќајна струка, што за сето ова време присуствуваа на секоја закажана седница на Собранието и земаа активно учество во работата на истата. Тие несебично своите искуства, професионални компетенции ги споделуваа со нас, од нивна страна беше разгледуван и коментиран секој проблем на кој наидуваше Здружението, нудеа решенија и совети како да се надминат одредени проблеми на кои наидуваа колегите во наставничкиот процес во пооделните струки со нивна посета на училиштата. Особено е значајна нивната партиципација во изготвувањето на тестовите и учеството во Централната комисија за Државните натпревари.

Како резултат на солидната соработка пред се со ЦСОО, МОН и БРО, Здружението ја зајакна својата позиција и членство и успешно се справува наметнатите проблеми во трите струки и е едно од најактивните и најуспешни Здруженија на ниво на стручни училишта во Р. Македонија.

                                                                                                Претседател на Здружението

                                                                                                ___________________________

                                                                                                            Жарко Темелкоски